Угоеноста денес е масовна појава, скоро епидемија која претставува голем социјално - здравствен проблем на современото општество во целина. Настанува со вишокот на енергетски материи во организмот, односно со позитивниот енергетски биланс при кое доаѓа до натрупување масти во поткожното ткиво, мускулите, срцевиот мускул и сите внатрешни органи, а особено во црниот дроб.
Големата угоеност предизвикува предвремена појава на дегенеративните болести на срцето и крвните садови (атеросклероза, тромбоза на срцевите и мозочни крвни садови, зголемен крвни притисок), како и појава на шеќерната болест, некои видови на канцер, заболувања на црниот дроб и жолчните патишта.
Угоеноста од егзогена природа, која настанала со позитивниот енергетски биланс мора да се лекува исклучиво со правилен режим на исхрана, во зависност од специфичностите на секој организам посебно.
Курсевите ке работат по утврдена програма во траење од 8 недели, со по една сесија секоја неделно.
Покрај тоа, еднаш неделно ќе се врши редовна контрола на телесната тежина, како и на други планирани мерења.
Секојдневно ќе се води евиденција за внесената храна по видови и количини, врз база на кое ќе се вршат анализи на хранителната и калорична вредност на храната и изготвуваат адекватни дневни оброци. Воедно ќе се евидентираат физичките и други активности.
Во рамките на планираната програма, учесниците - студентите ќе се запознаат со принципите на здравата исхрана, здравиот начин на живот и регулирање, односно смалување на телесната тежина, што е една од главните цели на курсот. Воедно, учесниците на курсот ќе се едуцираат, односно оспособат, како здраво да се хранат, кои физички активности да ги практикуваат, како да ја смалуваат прекумерната тежина и како да ја одржуваат и натаму таргетираната телесна тежина, што е исто така една од целите на програмата.
Овие курсеви – може слободно да се рече студии, ќе се практикуваат и за лицата кои веќе се во рамки на идеалната тежина, а сакаат таа тежина да ја задржат. Оваа програма, со одредени прилагодувања, ќе се користи и за лицата кои сакаат да ја зголемат телесната тежина.